SkopjeClubbing на Exit Festival 2010: Ден 4

Нема начин да се остане рамнодушен на последниот фестивалски ден. Како што попладневното сонце го преплави станот и ме дигна од кревет, во мене се разбуди и нишката на носталгија за случувањата од изминатите три дена. Траги од слични емоции беа јасно видливи зад фасадата на уморните насмевки и темните полукружни формации под очите на секој од нас. Сепак, кога веќе сме стигнати до последниот ден, треба да заминеме со стил, без штедење.

Мојата музичка програма за вечерта беше малку поразлична од следењето на имињата со поголем фонт во саатницата, па почетокот на последните 12 часа лудило ме затекна на HappyNoviSad стејџот каде Lemon и M-tech со пар интересни но воздржани сетови го отворија стејџот пуштајќи за пред чуварите, тонците и можеби неколку случајни фанови. Кога часовникот покажа еден после полноќ на сцената се појавија Alex Green и Damon Kirkham – двајцата продуценти кои со нивниот Instra:mental проект внесоа нова креативна свежина во drum’n'bass музиката на 21от век. Нивниот DJ сет беше одлична илустрација на креативните промени кои во еден музички жанр може да ги донесе музичкиот минимализам, израз кој засилено протекува и надвор од 4/4 електронската сцена. После првиот половина час од сетот внимателно составен од ништо повеќе од kick, snare и sub-bass својот вокален печат го остави и MC:SP кој вети хипнотичко возење какво што не сме доживеале никогаш порано. DJ дуото ветувањето го исполни, возејќи интелигентен и генијално конструиран сет исполнет со многу звучни текстури, суптилни мелодични детали и длабоки бас-линии кои испреплетени со будно око за детали ја внесоа веќе илјадната публика во тотална акустична хипноза. Како што времето одминуваше, instra:mental додаваа гас при изборот на траките, внимателно дигајќи ја атмосферата на сега преполниот HappyNoviSad стејџ до точка на вриење. При последните неколку траки публиката веќе не го криеше ентузијазмот и достојно го награди лондонскиот тим за одлично извршената работа. Многу DJи и артисти добиваат извици и раце во вис, но барем за мене, оние кои на крајот ќе добијат и искрен и силен аплауз се вистинските ѕвезди на вечерта, a instra:mental апсолутно ги освоија срцата на присутните.

Задоцнувањето на програмата на денс арената беше добредојдено за мене и кога излегов од HappyNoviSad стејџот забележав дека Crystal Castles сеуште беа во финалните подготовки за нивниот настап. Mazel Tov!

Иако се сметам себеси за голем фан на британската електро сензација, во себе сепак бев полн сомнежи за живиот настап на Crystal Castles. После фијаското и за малку избегнатата физичка конфронтација со фестивалските звучни техничари на минатогодишниот Sonar, како и безбројните тужби и повици за бојкот на бендот од страна на chiptune/8bit заедницата од кои Crystal Castles без многу прашување имаат позајмено повеќе од 300 звуци и семплови во своите албуми и јас бев малку скептичен околу вистинската вредност на контроверзниот состав.

Само десетина минути откако Crystal Castles ја зазедоа сцената сите мои сомнежи беа разбиени на атоми, бендот составен од Alice Glass, Ethan Kath и анонимниот сесиски тапанар приреди незаборавен концертен настап каде во преден план го ставија единствено својот неверојатен музички талент. Сигурни и Фокусирани при изведбата, го отсвиреа својот репертоар со целиот сиров интензитет и желбата за играње и експериментирање со звукот која ги краси нивните студиските изданија и воопшто, едночасовниот live act беше одличен приказ на вистинска креативна енергија. Хитовите како CrimeWave и Empathy ги дигнаа нашите раце во воздух каде и останаа до крајот со мојот личен фаворит од нивната дискографија – Untrust us. Држете око во иднина на Crystal Castles – им предвидувам светла иднина не само како свежа струја на иновација во електронската музика, туку и како сценски супер-ѕвезди со доволно харизма и енергија да ја запалат публиката со секој свој настап.


До крајот на вечерта, на HappyNoviSad стејџот работите во вистинска насока ги движеше нивниот колега од Exit Records D-Bridge, кој додавајќи ритми и брзина на она што го почнаа instra:mental изврте еден силен сет на модерен drum’n'bass зачинет со по некоја басеста дабстеп трака. За тоа време, екипата од француската издавачка куќа Ed Banger го задржаа интензитетот и енергијата на денс арената. Busy P, SebastiAn и A Trak извртеа комбинација од високо-напонско електро и тврди рејв ритми перфектно дизајнирани за публиката на преполната денс арена која ги гореше последите залихи енергија во утринските часови.

Како што утринското сонце полека се дигаше над арената така истекуваа и последните минути од четирите дена кои го сочинуваа Exit 2010. Веке култниот фестивал ова лето се врати во полна форма и приреди едно од најдобрите изданија во својата историја. Со уморни насмевки и уште поуморни нозе нашата експедиција за последен пат оваа година ги искачи измачувачките скалила на излез од денс арената и го премина мостот на Дунав на патот за дома со надеж дека наредната година музичката програма и фестивалската атмосфера повторно ќе го достигнат или надминат завидното ниво кое овој Exit го постигна. Не е лесно да се одржи високата репутација која овој фестивал ја ужива во светски рамки, но после неколкуте надолни години мислам дека организаторите и booking тимот повторно се на врвот од својата игра и од се срце сакам да им честитам за одличниот избор на артисти оваа година, како и за вложениот труд во организацијата и инфраструктурата на фестивалот.

Епилог:

Пар недели по завршувањето на фестивалот болките од воспалените екстремитети веќе одамна исчезна од моето тело заедно со црвенилото од очите и темните кругови под нив, но прекрасните сеќавања од четирите денови поминати во комплетна посветеност на музиката и танцот нема никогаш да исчезнат. Воедно, мене ми беше исклучителна чест и големо задоволство да ги споделам тие сеќавања и спомени со вас, читателите на skopjeclubbing.com.mk и воопшто сите фанови на квалитетната музика кои го одвоија времето да ја прочитаат серијата репортажи.

Дочитање!

Репортажа: Андреј Анчевски

/искористениот фото-материјал е сопственост на Exit фестивалот. Сликите во нивната оригнална големина можете да ги најдете на Flickr профилот на Exit.

Сподели:
  • Facebook
  • MySpace
  • Twitter

2 Коментари за “SkopjeClubbing на Exit Festival 2010: Ден 4”

КОМЕНТАРИ