
Репортажа : Андреј Анчевски
Ден 3
Нема одмор за лукавите, а дефинитивно нема одмор ни за нас, фановите на Bernays Propaganda кои бевме присилени во друштво на немилосрдното попладневно сонце да ја качуваме калдрмата кон Петроварадинската тврдина, каде во 19:00 се собра поголемиот дел од македонската делегација на фестивалот. Нашите урбани херои го оправдаа своето место на Main стејџот каде професионално си ги одработија своите минимални 35 минути и не оставија ни грам сомнеж дека станува збор за бенд од светски калибар. За жал, илјадниците британски фанови на Klaxons не дојдоа час порано да го видат настапот на Bernays Propaganda и мораа да се задоволат со една медиокритетна свирка која и покрај отсвирениот нов материјал единствено ги потврди моите сомнежи дека после Mercury наградата од 2007, триото од Лондон е на добар пат да стане one hit wonder (ајде нека бидат два хита ако ја рачунаме и Golden Skans).


Од друга страна, електро-ветераните Royksopp приредија зачудувачки квалитетен истовремено енергичен и емоционален настап на кој импресионираа со сет листата на внимателно одбрани хитови од нивната дискографија, но и со брилијантните женски вокални изведби кои барем за таа вечер успеаа да го надополнат отсуството на гласот на Erlend Oye во Poor Leno и Remind Me.

Следен на репертоарот беше хрватско-словенскиот бенд Lollobrigida предводен од секогаш харизматичните вокалистки Ида и Петра кои го имаа главниот момент во нивната досегашна кариера, настапувајќи пред повеќе-од-ентузијастички распололжената публика на преполниот Main стејџ, иако претпоставувам дека бројноста на публиката повеќе се должеше на нивните претходници (Royksopp) и претстојниот настап на госпожа Missy Elliot. Сепак, девојките ја искористија шансата на најдобар начин и приредија една сосема симпатична журка и игранка која кулминираше со веќе и на скопската публика добро познатите Bubblegum Boy и Moj Dečo Je Gay.

После епските (и соодветно епски декорираните) предници на девојките од Lollobrigida, единствената логична прогресија во обем не однесе во првите редови на Денс Арената каде само што започна настапот на норвешките диско-фраери Ost & Kjex придружени од нивниот госпел хор – колекција на тетки од афроамериканско потекло чија масивна големина беше единствено надмината од нивните вокални способности. Откачената комбинација на диско и чикашки хаус брзо го рашири вирусот на мрдање колкови низ арената и воедно го донесе најпријатното изненадување на фестивалот. Секако, за работите да останат балансирани вреди да се спомне и диско дрес-кодот на норвешкото дуо… замислете дека во машината со алишта на Елиот Нес некој подметнал кило портокали :)


Бегајќи од легиите на зомбиња кои почнаа да ја преплавуваат арената пред настапот на најдобриот пејач на светот – David Guetta, успеав за некое време да најдам прибежиште на HappyNoviSad стејџот каде L-Vis 1990, Brodinski и остатокот на екипата од францускиот лејбл Sound Pellegrino си тераа со нивната препознатлива фанки комбинација на хаус, техно и електро брзо етикетирана како “техненце за шизење”

Иако сосема добро легна техненцето за шизење, сепак не одолеавме на можноста за првпат на ова издание на Exit да ги испробаме овогодишните новитети – тематските зони за мекнеење. Бидејќи случувањата во наредните неколку часа не беа ни претерано интересни, ни доволно релеванти за да бидат опишани со зборови, ќе заштедам околу 3000 со следниве фотографии:



Со освежени екстремитети и обновен морал, нашата експедиција повторно ја запоседна арената нешто после 6 часот – точно на време за сетот на Solomun. Уште во старт мојот фаворит на вечерта јасно демонстрираше дека неговите сакаат-да-бидат-поп-ѕвезди претходници на стејџот нема да го поколебаат во изборот на музика и со првата плоча не внесе во хаус длабочините преку безвременската Speak to Me (I get deep). Како што започна, така и продолжи – класичното отворање во голем стил се разви во еден еден маестрален хаус сет составен од еднакви количини длабоки бас-линии, соул вокали и сончеви мелодии прекрасно склопени за во последниот час и половина да ги исцедат последните капки енергија преостанати од маратонскиот фестивалски ден.


Лекција бр.3: House is a feeling!
/искористениот фото-материјал е сопственост на Exit фестивалот и/или residentadvisor.net Сликите во нивната оригнална големина можете да ги најдете на Flickr профилот на Exit и фотогалеријата на residentadvisor.net, соодветно

Еден Коментар за “SkopjeClubbing на Exit Festival 2010: Ден 3”