
Репортажа: Андреј Анчевски
Уште од доцните попладневни часови вториот фестивалски ден тргна на добро со високооктанскиот настап на култните Atari Teenage Riot кои после една деценија креативна пауза посветена на нивните соло-проекти се вратија со нивниот препознатлив бескомпромисен електронски хардкор звук кој не зема затвореници.

The Horrors иако се потрудија, морам да ги прогласам за мало разочарување. Едноставно не успеаа во живо пред огромната публика да ја доловат атмосферата на меланхонија од нивните студиски снимки, која барем за мене претставува битен предуслов за правилно уживање во нивната музика. Се надевам дека некогаш ќе имам можност да ги слушам на концерт сместен во помала сала или клуб, но на фестивал со повеќе од 20 стејџови секогаш има нешто квалитетно да се види како замена кога на некој не му е денот.

После кратката прошетка низа околните стејџови (и сите тие скали!) на денс арената работите ги почна Ida Engberg, која не почести со извонреден сет за загревање пред главните атракции на вечерта. После половина час поминат во спремање на сцената се беше спремно за настапот на Moderat. Електронскиот супер-бенд составен како колаборација помеѓу Modeselektor и Apparat ги оправда високите очекувања и приреди незаборавно патување низ уникатните звуци, текстури и ритми својствени за нив. Застапен беше и многу нов неиздаден материјал кои нивниот звук го носи во малку побавни и мелодични пространства од оние на кои навикнавме во нивниот самонасловен прв албум, но го задржува уникатниот звук својствен за бендот. Секако, атмосферата беше прекрасно надополнета од врвен видео арт благодарение на германскиот видео колектив Pfadfinderei, чии визуализации традиционално ја придружуваат музика на Modeselektor и Moderat.


DJската страна од вечерта продолжи со ветеранот на техно сцената Josh Wink, кој изврте музички интересен и технички совршен сет составен од свежа техно продукција, но и неколку од неговите старошколски хитови како Don’t Laugh и последната трака од сетот, култната Higher State of Consciousness – хит кој веќе 15 години публиката не ја остава рамнодушна.

Во меѓувреме и покрај одличниот сет на Josh Wink, издвоив еден час да го погледнам, а и послушам Joker – младиот херој на британската дабстеп сцена. На HappyNoviSad стејџот веќе се имаше собрано голема публика од дабстеп фанови кои не штедеа аплаузи и овации за маестралниот настап на Joker, кој за возврат приреди едно моќно и психоделично патување низ бас-линиите и космичките синтови карактеристични за него. Морам да го пофалам и MC Nomad којшто одлично си ја заврши работата и за разлика од типично селските бубањ-и-бас MCа, понуди еден многу подлабок пристап кон микрофонските должности и одлично се вклопи во сетот на Joker, чак што норис може да се каже дека и пријатно го надополни.

Назад на арената, главното име на вечерта Ricardo Villalobos пружи сет за паметење, почнувајќи го својот 3 часовен сет онаму каде застана Josh Wink, со тврди но комплексни tribal ритми и длабоки, хипнотички бас-линии, па полека омекнувајќи се до изгрејсонцето, кога во последниот половина час од сетот конечно преовлада мелодијата која ја однесе публиката до точката на топење и маестрално заврши со неколку хитови од неговата продукција, меѓу кои и мојот фаворит од минатата деценија – Easy Lee. На крај, одлично се надоврза и тешкашот на српската електронска сцена Marko Nastic чиј неочекувано мелодичен денски сет продолжи да ја вози публиката после настапот на Villalobos се до затворањето на вториот фестивалски ден.


После перипетиите и вчерашната програма набиена со трчање од стејџ на стејџ, одлично ми легна примарно електронскиот втор фестивалски ден и парадоксално интимната клупска атмосфера која ја споделивме со прекрасната публика на денс арената целата таа незаборавна вечер надополнета со едно уште помалку заборавно утро.
Лекција на денот: Иако инсектите безмилосно напаѓаат, медицинскиот тим на Exit е професионален и одлично опремен, па во случај на алергиска реакција на убод од инсект не се плашете да ги побарате (освен ако не се плашите од игли).
/сликите 1-4 се сопственост на Exit фестивалот, земени од нивниот официјален Flickr профил http://www.flickr.com/photos/exitfestival
/сликите 6-8 се сопственост на ResidentAdvisor.net

Еден Коментар за “SkopjeClubbing на Exit Festival 2010: Ден 2”